Тетовските полицајци ќе носат на себе мобилни системи со камери кои ќе снимаат додека изведуваат активности за контрола на безбедноста во сообраќајот, информираат од СВР Тетово. Камерите се донација од САД.
-Секторот за внатрешни работи Тетово од денеска започна со примена на значајна новина во секојдневното функционирање, засега како пилот проект во областа на сообраќајот, а потоа ќе се воведе и во другите полициски активности. За таа цел, полициските службеници ангажирани за контрола и безбедност во сообраќајот на тетовско-гостиварското подрачје веќе се опремени со мобилни системи за снимање со камера, донација од САД, кои ќе ги користат на терен при преземање на планирани мерки и активности, редовни и акциски, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Со овие системи ќе се снима, аудио и видео, целата комуникација меѓу полициските службеници и граѓаните опфатени со контролни активности.
-На граѓаните претходно ќе им биде кажано, односно објаснето дека нивната комуникација се снима. На овој начин се очекува поголема ефикасност во спроведувањето на активностите и намалување на можни злоупотреби од граѓаните или полициските службеници, потенцира полицискиот портпарол.