Најмалку 15 загинати во свлечишта и поплави во Непал, 40 се уште се водат за исчезнати

Поплавите и свлечиштата предизвикани од монсунски дождови во Непал во последните 24 часа доведоа до смрт на најмалку 15 лица, додека уште десетици други се водат за исчезнати, соопштија денеска властите во оваа држава, јави ДПА.

Најпогодено е селото Дорпатан, во централниот дел на земјата,  а заменик градоначалникот, Кармати Пун Магар, изјави дека се трага по уште најмалку 40 лица за кои се верува дека се исчезнати.

-Бројот на исчезнати може да се зголеми, бидејќи ние се уште собираме информации од семејствата и нивните соседи, изјави Магар за германската агенција.

Поројните дождови предизвикаа купишта кал што ја блокираа реката, создавајќи езеро чии брегови напукнаа, што доведе до поплавување и свлечишта што однесоа повеќе од 50 домови во три села.

Од почетокот на сезоната на монсуни, во јуни, во поплавите загинаа најмалку 250 лица. Повеќе од 100 лица се уште се водат за исчезнати, соопшти Министерството за внатрешни работи, пренесе ДПА.

Треба да знаете
Последни објави