Портпаролот за надворешни работи на ЕУ, Петер Стано, рече дека Унијата го поздравува секој обид да се помогне во нормализацијата на односите помеѓу Србија и Косово, алудирајќи на разговорите што се водат во Вашингтон, јави дописничката на МИА од Брисел.
-Средбата што ја организираат нашите американски партнер е во рамките на дискусиите помеѓу Србија и Косово, секогаш сме кажувале дека секоја активност која може да помогне позитивно во нормализацијата на односите е добредојдена, рече Стано.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти во понеделник ќе отпатуваат за Брисел за нова рунда преговори на највисоко ниво под покровителство на високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Јосеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за Србија и Косово, Мирослав Лајчак.
Стано потврди дека ЕУ била навремено информирана од страна на САД за преговорите што се водат на Белата Куќа помеѓу Приштина и Белград.