Хафтар е сѐ уште пречка да се постигне договор во Либија

Марокански експерт изјави денеска дека лидерот на нелегитимните сили во Либија, Калифа Хафтар, е главната пречка за постигнување на либиски договор бидејќи сѐ уште се залага за воени решенија, пренесува „Анадолија“.

„Најголемата пречка за да се постигне политички договор во либискиот дијалог во Мароко се Хафтар и неговите поддржувачи кои инсистираат на воено решение“, изјави Салман Бунаман, експерт за политички науки на универзитетот „Сиди Мохамед бен Абдела“.

Во мароканскиот град Бузника во неделата почнаа неофицијалните либиски разговори за консултации меѓу делегациите што го претставуваат Високиот државен совет на Либија и Парламентот со седиште во Тобрук.

„Постојат обиди да се попречат мароканските напори да се постигне договорено решение меѓу либиските ривали. Постојат земји кои не сакаат да се постигне договор бидејќи сакаат продолжување на либиската криза во корист на Хафтар. Мароко ужива почит кај либиските партии и меѓународно е прифатен како неутрален посредник во либиската криза “, рече Бунаман.

Двете партии – Високиот државен совет на Либија и Парламентот на Тобрук – во вторникот објавија постигнување разбирање во тековниот дијалог во Мароко за прашањата поврзани со борбата против корупцијата и ставањето крај на поделбата во либиските јавни институции.

И покрај овие достигнувања, либиската армија во саботата соопшти дека милитантите на Хафтар по четврти пат го прекршиле примирјето во Сирт, бомбардирајќи го градот со ракети. По неодамнешните придобивки на либиската армија против Хафтар, во тек се дипломатски напори за продолжување на политичкиот процес во земјата.

Треба да знаете
Последни објави