Граѓанската организација Цивил најостро го осудува синоќешниот напад врз новинарската екипа на Ал Џезира и бара од надлежните институции да го санкционираат напаѓачот соодветно на законот.
– ЦИВИЛ апелира до јавноста да го отфрли и осуди ваквото однесување на поединци и групи кон медиумите, но и пошироко, кон неистомислениците. Насилството не е решение за надминување на разликите, тоа може само да ги продлабочи и да предизвика далекусежни штети за општеството, се наведува во соопштението од Цивил.
Според организацијата, овој немил инцидент уште еднаш покажува дека говорот на омразата кој го шират организирани ултранационалистички групи и високи претставници на одделни политички партии може да доведе до насилство и дела од омраза.
Цивил исто така бара од релевантните институции да подготват и усвојат законска регулатива со која нападот на претставниците на медиумите ќе се третира како напад на службено лице.