Димитриевска бара одговорност и од обвинителката за „Млечен“

Тетовката Наташа Димитриевска, чиј сопруг Гоце Димитриевски загина во сообраќајката кај „Млечен“ побара од Советот на јавните обвинители одговорност за обвинителката Снежана Бундалевска Георгиевска за постапувањето во случајот за кој виновникот доби само условна казна.

Во сообраќајката Димитриевска го загуби плодот и доби тешки повреди.

Зградата на стара Комерцијална во која се сместени повеќе државни тела не функционираше поради вчерашниот пожар, па претставката ќе им ја достави по пошта бидејќи не можеше да ја предеде лично, објави „360степени“.

Наташа Димитриевска вели во целиот случај има низа пропусти од страна на обвинителството. Самата постапка вели дека се водела предолго и не е направена соодветна квалификацијата на делото, односно обвинителката навела дека тоа е сторено од небрежност. Дополнително, како што вели, таа не повела постапка против обвинетиот Васил Чорбаџиев  за неукажување помош при сообраќајна незгода, а во обвинението не било запишано ниту дека во сообраќајката таа го изгубила плодот.

-Обвинителката Снежана Бундалевска Ѓорѓиевска сторила тешка дисциплинска повреда со оглед дека намерно и неоправдано направила крупна професионална грешка со тоа што не ги набавила медицинските документи за загубата на мојот плод како резултат од случената сообраќајна незгода и него внела во диспозитивот на обвинението; Наредбите за вештачење не се целосни за утврдување на видот и карактерот на повредите; Не го товари обвинетиот за кривично дело неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода; Обвинетиот го товари дека делото го сторил од небрежност, а делото е сторено од умисла со оглед дека на местото на незгодата умислено презел дејствие на вртење во лево иако е забрането, има знак и две дупли линии, изјави Димитриевска.

Таа преку медиумите упати благодарност до сите граѓани што преку социјалните мрежи ѝ дадоа поддршка.

Димитриевска пред два дена поднесе претставка и до Судскиот совет, за судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ, која досуди условна казна за обвинетиот Васил Чорбаџиев откако го признал делото уште на првото рочиште, кое се одржало на 2 септември.

По нејзините реакции и критиките во јавноста, Основното јавно обвинителство најави дека ќе вложи жалба до Апелацискиот суд во Скопје за пресудата на судот.

Треба да знаете
Последни објави