Втора иницијатива на Националната коалиција за изнаоѓање решенија за проблемите на населението во населбата Баир во Битола денеска ќе организира Здружение на граѓани – Центар за еколошка демократија Флорозон.
Иницијативата ќе се организира во Скопје, а е во рамки на проектот „Еднаков пристап за ефективна правда”, финансиран од Европската Унија. Во соработка е со Регионалното географско друштво ГЕОСФЕРА и Сфера Интернатионал од Битола.
Целта на иницијативата, како што информира Здружението, е подигање на свеста на граѓаните и институциите за супстандардните услови за живот на ромското население во населбата Баир во Битола и изнаоѓање на одржливи решенија за надминување на проблемите со дивите депонии, спалувањето на кабли и загадувањето на воздухот, како и проблемите со водоснабдувањето и хигиената на населението во услови на пандемија.
Од Здружението посочуваат и дека ќе се изврши промоција на механизмот за бесплатна правна помош пред граѓаните од општина Битола, за негова примена при остварување на правото за здрава животна средина.
-Во тој контекст, ќе се изврши дисеминација на документите развиени во рамките на горенаведениот проект – Компаративна анализа на постоечки модели на правна помош во и надвор од EУ и најдобри практики, Кратка брошура за добри практики за пристап до правда од областа на животна средина и Водич за користење бесплатна правна помош, кој дава точни насоки за користење на механизмот за бесплатна правна помош со сите потребни документи за аплицирање, се наведува во нивното соопштение.
Иницијативата е во рамки на Националната коалицијата за животна средина која е составена од 31 граѓанска организација од целата држава чија што цел е да овозможи поголема видливост и влијание на цивилното општество во демократизациските процеси на локално и национално ниво.