Зелен караван на ЦИВИЛ за јакнење на свеста за зелените вредности

Зелениот караван на ЦИВИЛ почнува од денеска на плоштадот Слобода во Скопје, пред домот на културата „Кочо Рацин”.

Како што посочуваат од ЦИВИЛ, граѓанките и граѓаните кои ќе го посетат штандот ќе имаат можност да разменат искуства и ставови со нивниот тим, а воедно ќе можат да учествуваат во видео анкетата: „Зошто зелено? Кажи го гласно своето мислење”.

-Зелениот караван на ЦИВИЛ е посветен на промоција и јакнење на јавната свест за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот. Социјалната правда и антинационализмот се дел од европските и зелените вредности кои ЦИВИЛ ги застапува во текот на своето 20-годишно постоење, а во изминатите неколку години и во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел, чие регионално седиште е во Сараево, БиХ, наведуваат од ЦИВИЛ.

Оттаму посочуваат дека нивните тимови ќе патуваат низ земјата и ќе одржат повеќе настани во соработка со општините и локалните граѓански организации. Ќе се одржат работилници на тема „Зелените доаѓаат” во Штип, Гостивар, Велес, Кавадарци и Скопје. Низа средби со граѓанките и граѓаните ќе се одржат и во други општини низ целата земја.

-Зелениот караван ќе заврши со национална конференција посветена на зелените вредности и стратегии, како единствена одржлива алтернатива за општеството и за државата. Зелениот караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат” кој се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел, посочуваат од Цивил.

Треба да знаете
Последни објави