Во старото градско јадро на Старата скопска чаршија на 13, 15, 16 и 17 септември ќе се одржи традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“, чија цел, веќе неколку години, е да ја заживее чаршијата преку концерти од сите жанрови, перформанси, фолклорни настапи, поезија, ликовна колонија и презентација на стари занаети.
„Звуците на чаршијата“ е мултимедијална и мултикултурна манифестација, која годинава се одржува по 14-пат, со идеја да потсети на заборавената традиција, да оживее некои недоволно посетени простори на Скопје и да придонесе кон еманципација на културно неизградените средини. Таа придонесува кон континуираните активности на градот Скопје и Културно-информативниот центар – Скопје за ревитализација на Старата скопска чаршија.
Во програмата предвидени се ликовни колонии, театарски претстави, филмови, стендап-комедија, литература, концерти од различен жанр на музика: народна, џез, рок, опера, забавна… на плоштадите, улиците на Старата скопска чаршијата, на Скопското кале, во Куршумли ан, Сули ан….
Манифестацијата почнува на 13 септември (недела) во 20 часот со концерт на Туна во Куршумли ан, по што од 21 и 22 часот ќе следат уште два концерти.
На 15 септември (вторник) од 16 часот манифестацијата продолжува со настанот „Чаршиските улици“ во чии рамки концерт ќе одржат Сарана Адеми на флејта и Верица Шотаровска на пијано. Во 17 часот пред Џамијата на Мурат Паша предвиден е настап на Адил Алуш и „Јени Јол оркестар“. Во 19 часот на плоштадот Скендербег ќе биде одиграна театарската претстава „Не плаќам“, а од 20 часот на плоштадот Филип Втори ќе се одржи концерт под наслов „Есенски звуци, бојата на ѕвукот“. Во 22:30 часот на Скопското кале ќе бидат проектирани два краткометражни филма: „Земја“ во режија на Ибер Деари и „Балкон“ на Линдита Зеќирај.
На третиот фестивалски ден (16 септември) од 16 часот пред Муратпашината џамија ќе се изведува чалгиска музика, а од 17 часот на Скопското кале ќе се одржи арт-колонија. На истата локација од 17:30часот ќе настапи гудачкиот квартет „Стрип 4м“. Вечерта од 18 часот настапува џез квартетот „Вив арт“, а во 21:30 часот стендап комедија ќе има Артан Ибиши.
Последниот ден од манифестацијата – 17 септември е резервиран за настап на гудачкиот квартет „Вива стрингс“ (16 часот), театарската претстава „Другарство во време на мерки“ ( 18 часот на плоштадот Скендербег) и претставата „Приказна за Моцарт“ на Здружението „Детски свет“ (18:30 часот). Вечерта од 20 часот во Сули ан настап ќе имаат трите тенори: Исмет Вејсели, Мустафа Имери и Влатко Груевски. Гостин на концертот е тенорот Шинаси Рамадан, во пијано придружба на Андреј Наунов.
– Целта на проектот е презентација на различните традиционални уметности, традиции и култури во Македонија. Со еден збор ова е зближување и подобро запознавање меѓу етникумите во земјата, значи доближување до граѓаните преку културата – велат организаторите.
Изминативе години на „Звуците на чаршијата“ учествуваа многу познати пејачи, уметници, танчери, аниматори, познати групи, македонски, албански, турски, ромски, во духот на идејата на манифестацијата, да биде мултикултурна. КИЦ – Скопје, освен на реномирани уметници им дава шанса и на дебитанти, кои токму тука, на ова место, на оваа манифестација ја започнале својата кариера.
Маските и дистанца се задолжителни.