Заменик државниот секретар на САД, Стивен Биган, во телефонски брифинг за новинарите денеска укажа дека Вашингтон ги поддржува барањата на белоруската опозиција, вклучително и организирање слободни и чесни избори.
Притоа, тој изјави дека САД се во постојана комуникација со ЕУ околу прашањето за можно воведување санкции против режимот на Александар Лукашенко. Одлуката за ова ќе биде донесена во најскоро време.
САД прифаќаат дека за мнозинство Белоруси, најблиска земја е Русија и ветуваат дека нема да влијаат на белоруската опозиција.
Тој изјави и дека САД ја разгледуваат кандидатурата на Џулија Фишер за амбасадор во Белорусија.
Ситуацијата во земјата е напната, протести против власта на Лукашенко на кои во Минск и во другите градови излеваат по стотици илјади луѓе се одржуваат секој викенд. На многу места има работнички штрајкови. Власта деновиве одговори со испраќање маскирани насилници облечени цивилно кои со пендреци селективно тепаат граѓани на улиците. Завчера започнаа и со задржување на членовите на опозицискиот Координациски совет.