Во операција со кодно име „Фалкуса”, иницирана од хрватската полиција, на Канарските острови е запленет речиси еден тон кокаин, чија улична вредност се проценува на над 40 милиони евра, соопшти денеска хрватското Министерство за внатрешни работи.
Полицијата соопшти дека собрала првични информации за трансатлантски шверц на големи количества кокаин во кој, како припадници на таканаречениот „Балкански картел”, активно биле вклучени и хрватските државјани.
Поради изразениот меѓународен карактер на криминалните активности уште во почетната фаза, хрватската полиција иницирала трилатерална соработка со шпанската цивилна гарда и француските царини, а акцијата била поддржана од Европол, американска ДЕА, британска НЦА (Национална агенција за криминал), холандска национална полиција и полиција на БиХ, пренесе Хина.
Хрватското Министерство за внатрешни работи посочува дека истрагата е насочена кон криминалната ќелија во рамките на „Балканскиот картел”, специјализиран за обезбедување услуги за шверцот на дрога со едрилици и јахти. Оваа криминална ќелија е составена од најмалку тројца хрватски државјани кои биле „регрутирани” од картелот за прекуокеански шверц на кокаин со едрилица. Едрилицата била регистрирана во Хрватска и пловела под хрватското знаме.
Утврдено е дека хрватските граѓани на почетокот на 2020 година отпловиле од Шибеник за на крајот на август да се приклучат на африканската шверцерска рута од Канарските острови, јужно до брегот на Западна Африка, каде организираните криминални групи ангажирани од картелот едрилицата ја наполниле со кокаин.
„Во координирана акција, специјален тим на шпанската цивилна заштита утрината на 8 септември во меѓународните води пресретна хрватска едрилица, а по претходно добиено одобрение од надлежните органи на Република Хрватска, чиј екипаж се состоеше од тројца хрватски државјани. По прегледот, а заради сомнеж за шверц на наркотици, едрилицата била одвлечена во националните води на Канарските острови “, се наведува во соопштението.
При претрес на едрилица на Канарските острови биле откриени вкупно 980 пакети со околу 980 килограми кокаин со висока чистота, соопшти хрватското Министерство за внатрешни работи.
Според досега собраните информации, кокаинот бил наменет за европскиот пазар, вклучително и шпанскиот и хрватскиот илегален пазар на дрога.