Иранскиот шампион во борење, 27-годишниот Навид Афкари, беше погубен откако беше осуден за убиство на припадник на обезбедувањето на антивладини протести во 2018 година, објавија локалните медиуми.
Според судот во провинцијата Фарс, Афкари бил погубен, откако правната постапка била спроведена до крај на инсистирање на родителите и семејството на жртвата. Тој беше осуден на две смртни казни.
Меѓународната асоцијација на спортисти (ВПА), која брои повеќе од 85.000 членови, претходно повика на исфрлање на Иран од сите спортски настани доколку властите во земјата го погубат Афкари.
Постоеше сомневање дека Афкари бил мачен за да даде лажно признание.
Активисти за човекови права тврдат дека борачот протестирал мирно, а неговиот правен тим тврди дека нема докази за неговата вина. Иранското судство ги отфрли обвинувањата за тортура и објасни дека Афкари „уби невин човек со нож и го призна пред судот”.