Избор на нов директор на македонската полиција најверојатно ќе има наредната недела или во наредните денови. Како и да е, сега директор е Сашо Тасевски и таа одлука е исклучиво во мои раце. Сакам да ги демантирам сите шпекулации што излегоа денеска во однос на поделбата на директорски места и менување на раководни структури во МВР, посебно на директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ). Заеднички, тимски, продолжуваме понатаму зашто овој тим даде резултати во рамки на МВР и треба само да го поодбруваме, рече денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Во интервју за Канал 5, Спасовски напомена дека промените во раководната структура на МВР се категорија која не престанува никогаш, а на прашањето дали се знае од чии редови ќе биде директорот на БЈБ, од СДСМ или од ДУИ, одговори дела македонската полиција е институција во која политиката не треба да се меша со влијанија и интереси, како и дека професионалноста мора да остане врвен приоритет.
-Секаде каде што ќе има слаба алка, ќе дојде до промена на раководните структури. И тоа не е само сега, туку ќе биде во секој момент зашто е многу важно да имате вистински луѓе на вистински места. Важно е и да имате одговорни, чесни луѓе, кои раководната позиција што им е дадена ќе ја извршуваат со сериозна одговорност пред граѓаните и државата, истакна министерот.
Ветингот во полицијата, најави Спасовски, ќе продолжи зашто етичките норми на полицијата мора да се на високо ниво и граѓаните во нив и во МВР како институција мора да имаат доверба.
-Полициските службеници мора да имаат високо ниво на интегритет. Оние што постапуваат спротивно на законските овластувања и етичките норми, ќе бидат санкционирани за да не се фрла дамка на институцијата. Многу е важно професуонализмот да дојде до израз, да се ослободат институциите од партиските стеги, да се штити исклучиво интерсот на граѓаните, да имаме институција каква што навистина посакуваме, подвлече Спасовски.
Во однос на заштитата од компјутерски криминал, неговата детекција и откривање, министерот рече дека посебниот оддел од МВР кој работи на оваа проблематика ќе се модернизира, доопреми и зајакне со кадровски потенцијал.
Министерот Спасовски во интервјуто оцени и дека МВР има добар тим кој во претстојните преговори со ЕУ е подготвен да ги донесе европските вредности во македонските институции.