Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ ќе биде отворен вечерва во 19.30 часот во Куршумли ан во Скопје. Врвни автори од регионот, како и домашни автори се гости на фестивалот, кој ќе трае до 17 септември.
На првата фестивалска вечер ќе ви претставиме тројца од нашите гости. Со македонската публика ќе се сретне Мухарем Баздуљ, Углеша Шајтинац, Калина Малеска и со Дамир Каракаш, кој ќе учествува со видеомонолог.
Баздуљ е писател, новинар и преведувач и е еден од најчитаните во регионот. Неговите 20-тина книги се преведени на повеќе странски јазици, а ги има добиено голем дел од значајните новинарски награди во БиХ и во Србија. Две негови книги се преведени на македонски јазик – „Ѓаурот и Зухејда“ („Готен“) и „Кукла од марципан“ во издание на „Везилка“.
Српскиот автор Угљеша Шајтинац е наградуван драматург и писател, добитник на Европската награда за литература за романот „Сосема скромни дарови“.
На првата вечер ќе биде претставeно делото и на нашата писателка Калина Малеска, професорка по англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Нејзини раскази се преведени на неколку јазици и објавени во списанија во земјата и во странство, а учествувала и на повеќе македонски и меѓународни книжевни фестивали. Нејзиниот расказ „Поинаков вид оружје“ е застапен во антологијата Best European Fiction 2018.
Со нив ќе разговараат уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев, и претседателот на Одборот за доделување на наградата „Прозарт“, Ермис Лафазановски.
Во продолжение ќе следува креативно и луцидно видеоизлагање на хрватскиот писател Дамир Каракаш, автор на пет романи, три збирки раскази, патопис и две претстави за неговите книги и светот во којшто моментално живееме. Некои од неговите книги имаат култен статус кај читателите. Според неговата збирка раскази „Кино Лика“ снимен е филм што освои бројни награди на реномирани филмски фестивали.
Првата вечер ќе биде промовирана и „Срчки“, новата книга на Бранислав Николов (Пијан Славеј), а на промоцијата ќе настапат авторот и басистот Гоце Јованоски.
На 15 септември во 13 часот во Europe House ќе се одржи тркалезна маса на тема „Литература и криза: почетна точка за нови противотрови“ на која ќе учествуваат гостите-писатели и членовите на „Скопје fellowship“ програмата. Поради ковид-протоколите, настанот е затворен за публика. Традиционално, фестивалот организира средба на членовите на оваа програма со претставници на Македонската асоцијација на издавачите и ќе имаат можност да воспостават идни соработки.
Вечерта во 19.30 часот следува второто претставување на писателите и нивните дела. Маја Солар, авторка која се занимава со феминистички и филозофски теми, како и младата книжевна ѕвезда во регионот, Магдалена Блажевиќ (БиХ) и македонската писателка и книжевна теоретичарка Елизабета Баковска ќе разговараат со Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.
Музичарите Гоце Јованоски и Андреа Мирческа ќе изведат експериментална звучна импресија од филмот „Устав на Република Хрватска“ по сценарио на Анте Томиќ. Потоа ќе следи получасовен видеоразговор меѓу Миљенко Јерговиќ и Анте Томиќ, изработен специјално за публиката на фестивалот.
Фестивалот ќе биде затворен на 16 септември во Куршумли ан во 19.30 часот, кога ќе биде прочитан говорот на добитникот на наградата „Прозарт“, Исмаил Кадаре, а писателите-гости ќе читаат извадоци од своите дела.
Во рамките на дополнителната програма на фестивалот, на 17 септември во летното кино на Кинотеката, ќе биде прикажан документарецот „Медена земја“. Преку видеоприлог, Миљенко Јерговиќ ќе зборува за филмот по проекцијата.
Фестивалот ќе го отвори директорот Дејан Трајкоски. Гости ќе бидат и четворицата членови на програмата „Скопје fellowship“ – Назли Бериван Ак од Турција, Јасмина Радојичиќ од Србија, Доротеа Монова и Милен Милев од Бугарија.
Добитник на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон балканската книжевност е големиот писател Исмаил Кадаре. За жал, тој не можеше да дојде во Скопје и да се сретне со својата читателска публика.
Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт“, а е поддржан од Министерството за култура, ТРАДУКИ, Институтот „Јунус Емре“ од Скопје, Делегацијата на ЕУ, Град Скопје, амбасадата на Босна и Херцеговина и од Кинотеката.