Моделот на прочистување на правосудството е веќе ставен во својата основна форма во владината програма и оваа почетна фаза на изготвување треба да заврши некаде на истекот на 100 дена од мојот мандат, изјави на денешната прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ.
Овој период од околу три месеци, нагласи тој, ќе биде искористен за подготовка на добар модел со конкретни рокови, што ќе овозможи видливи резултати.
– Немаме илузија дека за неколку месеци ќе бидат проверени сите тие предмети, но важно е да имаме динамика што ќе дава резултати и после одредено време ќе ги изведе сите системски слабости, за да можеме да ги подобриме затоа што крајната цел е да имаме ефикасно судство, изјави Маричиќ.
Во оваа фаза, посочи тој, веќе е јасно дека ќе работиме по принципот на проверка на имот на судии и јавни обвинители за што е надлежна ДКСК, но и дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ќе ги работтат анализите на пет проценти на случаите по случаен избор и посебна анализа на оние што има застој или застараување.
– Покрај оние клични фактори како што се Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и ДКСК. Во овој процес на крајно дефинирање на моделот ќе учествуваат и претставници на здружението на судии и на здружението на обивнители, исто така претседателот на Врховниот суд и државниот јавен обивнител. Ќе учествуваат претставници на граѓанските организации, како и претставници и експерти од ЕУ и други држави партнери во процесот на зајакнуавње на владеење на правото. Така во заедничка консултација ќе дојдеме до најдобриот модел што ќе биде поддржан од сите или повеќето, изјави Маричиќ.
Во однос на најавената ревизија на пет проценти од судските предмети, Маричиќ, рече дека ако концептот биде по случаен избор, тогаш Судскиот совет и Советот на ЈО ќе издвојат случаи кои ќе бидат проверени.
– Но, исто така, посебно ќе се разгледуваат и оние случаи кои отскокнуваат од праксата или биле држени подолго време и не било постапувано по нив, што резултирало со застареност или пак се блиску до застареност, изјави Маричиќ.
Тој најави дека неделава ќе има средба со претседателката на ДКСК, на која ќе ги слушне нивните аргументи и очекувања за процесот на прочистување во правосудството.
– ДКСК досега покажа капацитет да постапува брзо и верувам дека ќе покажат и за оваа работа капацитет да постапуваат брзо, ефикасно и праведно. Секогаш ДКСК ќе наоѓа партнер во Министерството за правда и Владата за овој потфат, кој е многу важен за јавноста, изјави Маричиќ.