Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска оствари работна посета на Општина Куманово и изврши увид во градежните работи активности на изградба на пристапен пат до индустриската зона „Новине” село Речица во Куманово.
Во изјавата за медиумите, премиерот Заев изрази задоволство што со овој пристапен пат се комплетира значајна фаза во заживувањето на овој стопански комплекс.
„Ја користам оваа прилика да ве уверам дека Владата и натаму останува посветена на поддршка на проектите кои носат потенцијал за развој на општините и за отворање на нови перспективи за бизнис заедницата”, потенцираше премиерот Заев.
Премиерот истакна дека водени со таа цел, Владата додели 24 милиони денари на Општината Куманово за инфраструктурно уредување на овој стопански комплекс од кои во должина од 1.000 метри е поставена атмосферска канализација а во план е и асфалтирање на површина од 2.210 метри квадратни, со претходно поставени 10 сливници.
„Индустриска зона „Новине” која зафаќа површина од 65 хектари се наоѓа на исклучително атрактивна локација, до автопатот E-75 „Пријателство”, на пет километри до границата со Србија. Таа има 51 градежна парцела со различна големина, урбанистички е уредена за лесна и незагадувачка индустрија, трговски единици, сместувачки капацитети, сервиси и стоваришта”, објасни премиерот Заев.
Премиерот изрази верување дека оваа индустриска зона ќе биде предмет на интерес на голем број домашни и странски инвеститори, бидејќи овозможува брза и лесна комуникација со партнерите и пазарот од регионот со потенцијал од 20 милиони потрошувачи.
„Ја користам оваа прилика да ги повикам стопанствениците да инвестираат на оваа локација, бидејќи имаат можност да добијат простор скроен по нивна мерка и нивни потреби според највисоки стандарди за развој на нивните бизнис проекти. Со инвестициите во стопанството ние инвестираме во иднината на нашата држава”, потенцираше премиерот Заев на крајот од својата изјава.
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски пред присутните потенцираше дека се работи интензивно во новата индустриска зона „Новине” која е во владеење на Општината а самата изградба е помогната од средства на Владата искористени за изградба на примарната инфраструктира во зоната.
„Сакам да истакнам дека во постапка е и јавното наддавање. Постигнавме заштеди повеќе од три милиони денари во тендерската постапка и токму тие пари денеска се инвестираат во самата индустриска зона. Општина Куманово во соработка со Владата, ќе продолжи да инвестира во оваа индустриска зона. Во моментот сме во план да излеземе да ги дадеме парцелите на јавно наддавање и истите средства кои ќе се постигнат од продажбата на слободните парцели да ги реинвестираме во оваа индустриска зона, со цел да се овозможи и на домашните стопанственици а потоа и на странските инвеститори да инвестираат во сегментот на лесна и незагадувачка индустрија”, потенцираше градоначалникот Димитриевски.
Димитриевски се заблагодари на сите инвеститори кои веќе имаат инвестирано во производни капацитети во оваа зона и ги охрабри останатите стопанственици да пројават интерес за инвестирање со цел унапредување на стопанството во Куманово.
На настанот присуствуваа и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пратеникот Мартин Костовски и голем број стопанственици и претставници од бизнис секторот од Куманово кои веќе имаат свои капацитети или планираат да инвестираат во оваа индустриска зона.