Владата денеска на седница донесе заклучок со кој најостро го осудува навивачкото поведение на навивачка група со кое, како што посочува, се предизвикува омраза, раздор и нетрпеливост врз етничка основа. Во исто време, од Јавното обвинителство бара да делува во рамки на своите надлежности и да постапи во врска со овој случај.
– На денешната владина седница, меѓу другото, дискутиравме и за последниот инцидент со говор на омраза предизвикан од навивачка група на плоштадот „Македонија” во Скопје, при што Владата донесе заклучок со кој најостро се осудува навивачкото поведение со кое се предизвикува омраза, раздор и нетрпеливост врз етничка основа. Владата беше информирана дека МВР презема соодветни активности за расчистување на делото, за што соодветно ќе ја информира јавноста. Го повикуваме Јавното обвинителство проактивно да делува во рамките на своите надлежности и да постапи за вчерашниот случај на говор на омраза на плоштадот, напиша премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил.
Апелираме, додава Заев, и до сите навивачки групи и до сите граѓани да се воздржат од упатување пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална и верска припадност или врз основа на други особини, што е казниво согласно Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, како и согласно Кривичниот законик.
– Институциите не смеат да толерираат никакво поттикнување омраза и насилство по основа на расна, национална, полова, сексуална, верска или било каква друга припадност. Ние сме современо општество, еднакво општество на сите граѓани. Нашиот пат е напред, а не назад, пишуав премиерот Заев на ФБ.