Независна француска анализа заклучи дека критичарот на Кремљ Алексеј Навални бил отруен со нервен агенс од советски тип „Новичкок” за време на обидот за атентат, осоопшти денеска француското претседателство.
Францускиот претседател Емануел Макрон изрази длабока загриженост поради злосторството извршено врз Алексеј Навални и истакна дека е императив сè да се разјасни, без одложување, за околностите и одговорноста за овој обид за атентат, се вели во соопштението од канцеларијата на Макрон по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
Германската Влада денеска соопшти дека две специјализирани лаборатории во Франција и Шведска потврдиле оти рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е отруен со нервен агенс новичок. Претходно, присуството на таа супстанца кај Навални потврди и германска воена лабораторија.
Макрон изрази својата целосна солидарност со Германија за чекорите што треба да се преземат и последиците кои ќе следат по ситуацијата, се наведува во соопштението од француското претседателството.
Во него се додава дека е неопходно појаснување од Русија во контекст на веродостојна и транспарентна истрага.
Портпаролот на германската Влада, Штефан Зајберт, денеска изјави дека примероци се испратени и до Организацијата за забрана на хемиско оружје и оти ќе ги тестира во нејзините референтни лаборатории.
– Ја повикуваме Русија уште еднаш да се изјасни за овој случај. Ние сме во близок контакт со нашите европски партнери за понатамошни чекори, додаде тој.
Минатата недела американскиот државен секретар Мајк Помпео рече дека постои „значителна шанса” високи руски функционери да наредиле труење на Навални.
Од своја страна портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков истакна дека официјална Москва верува дека сите обвинувања за вмешаност на руски официјални лица во инцидентот со опозицискиот политичар Алексеј Навални се априори погрешни и неприфатливи.
На Навални му се слоши на 20 август во Русија, во авион, по што беше префрлен во болница во Сибир. Тамошните лекари рекоа дека не нашле траги на труење, како што се сомневаа неговите соработници. Потоа, на барање на семејството тој беше префрлен во Германија, каде од тогаш е на лекување. Болницата каде тој се лекува, денеска соопшти дека неговата здравствена состојба се подобрува и оти може накратко да стане од кревет. Болницата „шарите” информира дека тој „успешно е тргнат од механичка вентилација”.
„Тој во моментов е во мобилизација и може да го напушти својот кревет за кратки временски периоди”, се додава во соопштението од болницата.
Сепак, денешното соопштение не даде одговор за долгорочните изгледи за 44-годишниот руски политичар и борец против корупција. Лекарите предупредуваат дека и покрај тоа што Навални закрепнува добро, долгорочни здравствени проблеми од труењето не можат да се исклучат.