Деветнаесеттиот меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“ годинава ќе се одржи од 18 до 24 септември, на девет локации во Скопје, а ќе бидат прикажани повеќе од 40 филма.
Со слоганот „Филм на секое платнo“, програмата на 19. фестивал на европски филм ќе се реализира низ Скопје на девет локации: Градскиот парк, МКЦ – парк, паркот „Ибни Пајко“, киното „Влае“, паркот во Кисела Вода, киното „Напредок“, киното во Маџари, Домот на градежниците „Кочо Рацин“ и на покривот на ГТЦ.
Во рамките на „Синедејс“ ќе бидат прикажани најновите остварувања на Озон, Пуиу, Винтенберг, Срѓан Голубовиќ, македонски филмови и копродукции што гравитираат во неколку нови и веќе познати програмски целини: Официјална селекција, Гала-програма, Музички документарци, МК во ЕУ, МК-премиери, SEE-програма, ФДУ-ретро, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – cinEmusic и др.
Отворањето на фестивалот е со светската премиерата на првиот македонски семеен детски филм „Стела“ на Стојан Вујичиќ, во продукција на „Дрим фактори“.
Затворањето на фестивалот е со македонската премиера на „Хомо“ на Игор Иванов – Изи.
Ова издание на „Синедејс“ ќе донесе и скопска премиера на филмот ТМ на Ивица Димитријевиќ, кој е единствен долгометражен филм во македонската кинематографија снимен со 0 денари буџет.
Во познатата селекција МК во ЕУ, ќе бидат прикажани филмовите на Виктор Чучков „18 % сиво“, во продукција на „Сектор филм“, и „Моето езеро“ на Ѓерѓ Џувани во продукција на „Фокус покус“.
Специјалната музичка програма – cinEmusic се отвора на 18.9. (петок) со настап на бендот „Љубојна“, која ќе се претстави со музика работена за филмот „Стела“. Следниот ден во паркот на МКЦ ќе настапат младите „Зулу 3.4“ – инструментален бенд од Скопје, формиран во март 2018 година. Членови на бендот се музички уметници во сферата на џез-музиката, чија цел е преку фузија на разни стилови да создадат уникатен звук и да внесат свежина на македонската музичка сцена.
За затворање на фестивалот ќе настапи „ЗЏМ колектив“ и овој пат ќе биде придружуван од страна на гудачки оркестар, кој е составен од музичари на Националната опера и балет и од Симфонискиот оркестар на Филхармонијата. Со нив ќе раководи мултиинструменталистот и диригент Џијан Емин, а на програмата ќе бидат изведени композиции создадени и аранжирани од страна на македонски џез-композитори, членови на ЗЏМ.
Билетите за годишното издание на „Синедејс“ ќе бидат за цена од 100 денари за сите филмови, освен за филмовите од POP-UP КИНО.
Влезот за музичката програма е бесплатен, освен концертот на „ЗЏМ колектив“ и гудачкиот оркестар за кој може да се набават билети за цена од 200 денари.
Поради ситуацијата предизвикана од Ковид-19, бројот на билети е редуциран.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, Агенцијата за филм на РСМ и од Град Скопје.