Интегра: Ако Мицкоски не се извини, ќе бараме оштета од 100.000 евра

Политичката партија Интегра и нејзиниот лидер Љупчо Ристовски најавија тужба против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, доколку за 24 часа не се извини за неговите ставови изнесени на прес-конференција. Ристовски бара лично извинување на прес-конференција бидејќи тврди дека Мицкоски нема докази за искажаните ставови или во спротивно, преку судски пат ќе бара 100.000 евра за нарушување на угледот и честа.

„Природно е политичкот земјотрес кој Интегра го предизвика на последните парламентарни избори да биде проследен со така наречени политички афтер-шокови. Ја известуваме јавноста дека поради изнесените ставови на опозициската ДПНЕ, Мицкоски: ‘Имаме сериозни информации и докази дека финансиски мотивирани од други политички партии, а луѓето кои се тука со мене тие индиции ги потврдуваат со сопствено сомневање, дека постојат сериозни финансиски мотиви да направат штета во опозицијата и да се поделат гласовите’. За оваа реченица, тој ќе биде тужен. Ние бараме од Мицкоски веднаш да го достави фамозниот доказ во јавност и на тој начин да ги прекине сите шпекулации на социјалните мрежи. Одговорно тврдиме пред Бога дека таков доказ не постои, ниту, пак, тој го има. Ако за нашево барање не се огласи и да го стави на увид на јавноста наводниот доказ, бараме во рок од 24 часа, во ист формат, на прес-конференција, јавно да ми се извини, како лидер на опозициската Интегра, но и на членството. Доколку не добиеме такво извинување од Мицкоски, ние ќе покренеме тужба за оштетно побарување од 100.000 евра за нарушување на угледот и честа и интегритетот на претседателот на Интегра, Љупчо Ристовски. Доколку ги добиеме овие пари во судскиот процес, ќе бидат донирани во здружение за дечиња со посебни потреби“, рече Ристовски.

Тој објасни дека од ВМРО-ДПМНЕ сакале да ја преземат партијата Интегра преку пуч во раководството, но сценариото пропаднало.

„Ние демантиравме дека наводни структури на Интегра преминуваат во ДПНЕ. Тоа едноставно е лага. Станува збор за ликови кои се собрани од улица бидејќи се разрешени уште минатиот месец и не се во раководните структури на Интегра. Ме чуди како лесно го превеслаа Мицкоски и се вметнаа во нивната партија, која ги прибира опадоците од другите партии, како Гога Сорос, Сафет Бишевац и други. Ги охрабрувам и така да продолжат, бидејќи така можат да станат конкуренција на АД ‘Дрисла’“, додаде Ристовски.

Треба да знаете
Последни објави