Еден златен, еден сребрен и два бронзени медали освоија најмладите натпреварувачи од нашата земја на 24. Јуниорската балканска математичка олимпијада (JБMO), за ученици до 15,5 години, што се одржа од 9 до 13 септември, а виртуелен домаќин на настанот беше Грција, т.е. Грчкото математичко друштво.
Натпреварувачите беа сместени во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, од каде виртуелно се реализирал целиот натпревар, со посредство на видео-конференциска врска со домаќинот.
Оваа година на олимпијадата учествувале 10 балкански држави и осум други држави – гости. Екипата на секоја држава се состоеше од шест натпреварувачи, водач и заменик водач.
Никола Спировски, ученик од IX одделение при ОУ „Ј. Х. Песталоци”-Скопје, освои златен медал, Дамјан Давков, ученик од VII одделение при ООУ „Ванчо Прке”-Штип, сребрен, а бронзени медали Никола Цветаноски ученик од IX одделение при ООУ „Ѓорѓија Пулевски”-Скопје и Марија Атанасова, ученичка од IX одделение при ООУ „11 Октомври”-Скопје.
– Нашата екипа беше избрана преку системот на натпревари, кои како и секоја година ги организира и реализира Сојузот на математичари на Македонија (СММ). Оваа година, со оглед на околностите, потребни беа поголеми организациски напори од страна на СММ и целиот циклус заврши само неколку денови пред олимпијадата, информираа од СММ.
Македонската екипа ја претставуваа и Никола Спировски ученик од IX одделение при ОУ „Ј. Х. Песталоци”-Скопје, Матеј Гелев ученик од IX одделение при ООУ „Блаже Конески”-Велес и Емилија Николовска ученичка од IX одделение при ООУ „Григор Прличев”-Охрид. Водач беше Делчо Лешковски, а заменик водач Борче Јошевски.
Овој натпревар се одржува по 24 пат и ги опфаќа сите ученици од основното образование и од средното образование кои до денот на одржувањето не навршиле 15,5 години.