Околу 2.500 лица се ослободени од обвиненија за тешки кривични дела во изминатите 30 години во САД, откако биле погрешно осудени.
Во околу половина од случаите, според студија објавена денеска, полицијата и обвинителството не поднеле докази кои можеле да ги ослободат обвинетите.
Студија на Националниот регистар за поништени пресуди, иницирана од Правниот факултет на Универзитетот во Мичиген, Правниот факултет во Државниот универзитет во Мичиген и Центарот за наука и општество на УЦИ, покажала дека доказите за ослободување на обвинетите биле одбиени во 61 процент од погрешните пресуди за убиство.
Во 72 проценти погрешни пресуди, во кои обвинетиот бил осуден на смрт, имало лошо постапување на полицијата и обвинителството.
– Несоодветното постапување главно е почесто кога насилството е поекстремно, се вели во студијата.
Студијата наведува голем број причини за неправедни пресуди: користење на сомнителна техника за принудување на осомничениот да се изјасни за виновен, поттикнување или принудување на сведоци да сведочат против обвинетиот, фабрикување докази и заобиколување на законот од страна на обвинителот.
Несоодветното однесување кое предизвикало погрешни пресуди било малку поголемо кога обвинетиот бил црнец, отколку кога бил белец.
Сепак, во одредени видови на кривични дела, црнците многу почесто биле погрешно осудувани.
Така, црнците, во пресуди поврзани со дрогата, 12 пати почесто од белците биле погрешно осудени.
Сепак, и белците исто така често биле жртви, особено во случаи на корупција и измама. Во такви случаи, не грешеле полицијата, туку федералните обвинители, кои веројатно сакале да се докажат со успешно решавање на случајот.
Лице погрешно осудено за убиство, во просек во затвор поминувало 13,9 години, покажа студијата.