Европската унија ќе мора да донесе „тешки одлуки” за Турција, изјави денеска шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.
Борел на крајот на август и се закани на Турција со нови санкции доколку нема напредок во дијалогот со Грција за решавање на кризата во Средоземното море.
Атина и Никозија ја осудуваат Турција за истражувањата за нафта и гас во нивните води, додека Анкара вели дека има еднакви права на ресурсите во овие води.
Борел денеска на членовите на Европскиот парламент им порача дека од овие причини е „дојдено време лидерите на самитот на 24 и 25 септември да донесат тешки одлуки”.
Тој додаде дека „се уште нема” договор за воведување санкции кон Турција.
Одлуката за воведување санкции против трета земја бара едногласна поддршка од членките на Унијата.