Стотици Палестинци денеска го кренаа својот глас против договорот за нормализирање на односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин, неколку часа пред официјалната церемонија на потпишување на договорите во Белата куќа.
Виорејќи палестински знамиња и носејќи заштитни маски на лицата, демонстрантите се собраа во Наблус и Хеброн на Западниот брег и Појасот Газа. Демонстрации денеска ќе се одржат и во Рамала, седиштето на палестинските власти.
На протестите се носеа транспаренти со натписите „Предавство”, „Без нормализација со (израелскиот) окупатор” и „Срамни договори”.
Во Газа, демонстрантите газеа и палеа транспаренти со фотографиите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кралот на Бахреин, Хамад бин Иса Ал Калифа, и шеикот на ОАЕ Мохамед бин Заед ал Нахијан.
-Ние им кажуваме на режимите во Бахреин и Емиратите дека ова нормализирање е целосно предавство на палестинската кауза и надежта на арапската нација, изјави Ахмед ал Медалал, претставник на Исламски џихад во Газа.