Делчев е црвената линија на нашето достоинство и идентитет и затоа сме денес овде, затоа што Делчев е Македонија и столбот на нашето постоење како народ, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот протест. Тој кажа дека протестираат и за Европската унија и за Гоце Делчев, затоа што, како што кажа, Делчев, бил европска вредност.
„Протестираме затоа што Делчев е и европска вредност, затоа што неговата идеја за слобода и културно издигнување на еден народ е идеја врз која почива и Европската Унија. А нашата иднина е токму таму во Европската унија. Нашата иднина е токму таму во Европската унија и таа ќе дојде, но без овие луѓе на власт. Заев не е иднината, тој е заканата за европската иднина на овој народ, на Македонците, Албанците, Србите, Власите, Турците, Бошњаците и сите оние коишто живеат во оваа наша мила и сакана Македонија. Сакаат да го продадат Гоце, за да можат да си поделат уште некоја лиценца за производство на марихуана, нови зделки со бизнисмени со сомнително потекло на капиталот, за нова урбана мафија, да диктираат судски пресуди, да го ограбуваат народот“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека Делчев е симболот на Македонија. „Делчев обединувал, а денес ова СДСМ со Заев разединува. Тоа е трагедијата на денешното време“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.