Во Велес се одржа трета иницијатива „За почист воздух” на Националната коалиција за животна средина

Во салата на невладините оргазнизации во Велес попладнево се одржа третата иницијатива „За почист воздух” на Националната коалиција за животна средина во која членуваат 32 граѓански организации од земјава, а беше имплементирана од Здружението на граѓани-Центар за еколошка демократија Флорозон од Скопје во соработка со ЕД „Вила Зора” од Велес како дел од проектот „Еднаков пристап за ефективна правда”.

Целта на иницијативата е адресирање на проблемите на граѓаните од град Велес до државните институции за прашањето за пристап до информации за состојбата на загадувањето на воздухот, односно за недостатокот од мерни станици за квалитетот на воздухот.

Како што информира за МИА, Кристина Најдоски Илиески, правен експерт на проектот кој се реализира веќе две години, оваа иницијатива во Велес е да се адресираат проблемите на граѓаните на Велес до државните институции, за поставување на повеќе амбиентални мерни станици за следење на состојбата на воздухот во градот.

– Преку трибини и слично невладиниот сектор во Велес ќе врши притисок врз државните институции за поставување на мерни станици за мерење на амбиенталниот воздух во Велес. Во Велес имаше две, но пред неколку години МЖСПП  ја повлече едната и сега една мерна единица за амбиентален воздух на МЖСПП лоцирана во Населбата Тунел во Велес. Истата на моменти покажува екстремно загадување во Велес, потенцира Најдоски Илиески.

Велешките еколози сметаа дека би било оптимално во Велес на сите најгорливи точки во градот да има по една односно да се постават неколку мерни станици за амбиентален воздух во градот наместо сегашната една. За да може да се направи пресек дали во Велес има загадување или не. Тие сметаа дека сегашната една мерна единица за мерење на амбиентален воздух не е доволна.

Олгица Наумоска од ЕД „Вила Зора” потсети дека советниците на Општина Велес донесоа одлука за поставување на повеќе мерни станици за амбиентален воздух во Велес. Но градоначалникот Аце Коцевски еднаш не ја потпиша и потоа Советот на општината уште еднаш ја изгласа одлуката. Но градоначалникот поднел жалба за испитување на законитоста на одлуката  во која Уставен суд не поведува постапка за законитоста.

-Значи дека останува обврска на институцииите да постават мерни станици, а доколку не постават тоа е обврска на Општина Велес да постави мерни станици за амбиентален воздух во градот. Значи останува во сила таа одлука на Советот, појасни Наумоска.

Таа потенцира дека тие како еколошко друштво се залагаат за реализација на оваа одлука која е донесена од страна на Советот на Општина Велес.

Велешките еколози најавија дека заедно со останатите еколошки друштва од земјава кои се дел од Националната коалиција за животна средина ќе вршат притисок врз Општината, за да се реализира таа одлука.

Воедно во рамите на оваа денешна иницијатива имаше и промоција на механизмите на бесплатна правна помош како механизам за пристап до еколошка правда, во овој случај право на пристап до информации од животната средина утврдено во Архуската конвенција.

Во тој контекст, се изврши и дисеминација на документите развиени во рамките на горенаведениот проект –„Компаративна анализа на постоечки модели на правна помош во и надвор од EУ и најдобри практики”, „Кратка брошура за добри практики за пристап до правда од областа на животна средина” и „Водич за користење бесплатна правна помош”.

Имено, досега се одржаа две иницијатива, првата во Куманово за чиста вода и во Битола за Детален урбанистички план за Населбата Баир. По оваа трета во Велес која беше за почист воздух треба да се одржат уште три иницијативи во три други градови во земјава најавуваат организаторите на проектот.

Треба да знаете
Последни објави