Македонската кошаркарска репрезентација ќе ги продолжи квалификациите за пласман на ЕП 2021 во изменет формат и наместо досегашниот систем дома-гости натпреварувањето ќе продолжи турнирски во тн „меури“ по примерот на НБА лигата.
Ова доаѓа откако Извршниот комитет на ФИБА донесе одлука сите квалификациски натпревари во ноември и февруари следната година , поради состојбата со коронавирусот, да продолжат во „меури“.
Секој „меур“ ќе се состои од четири или осум екипи ,една или две квалификациски групи, а домаќините ќе бидат одредени на регионално ниво.
Ова би требало да значи дека наредните натпревари на македонските сениорски селекции во квалификациите за Евробаскетот 2021 година, ќе ги одиграме турнирски, на домашен терен, или на теренот на некоја од противничките селекции.
Во случајот со машката репрезентација, за ноемврискиот циклус тоа се репрезентациите на Италија и Естонија, зејмите каде нашиот национален тим требаше да гостува во ноемврискиот прозорец на ФИБА. Прво на 27. ноември во Италија, а потоа и на 30. ноември во Естонија.
Што се однесува до македонаката женска репрезентација, во квалификациите за Евробаскетот 2021, на дамите во ноември им претстојат дуели со селекциите на Хрватска (гости), на 12.ноември, и на Германија (дома), 15.ноември, додека во февруарскиот, наредната година, следуваат уште два натпревари. Мечот на гостински терен, против селекцијата на Летонија, на 4.февруари, како и оној на 7.февруари, 2021 кога сме домаќини на репрезентацијата на Хрватска.