Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, вчера оствари неколку средби со претставници на ЕУ, за прв пат откако е поставен на оваа позиција. Шефот на македонските евроинтеграции се сретна со неговиот германски колега Михаил Рот, чија земја претседава со Европската Унија до крајот на оваа година.
Димитров и Рот разговарале за усвојувањето на преговарачката рамка на ЕУ за Северна Македонија и перспективата за одржување на првата меѓувладина конференција во декември, што е декларирана цел на германското претседателство.
Рот потврди дека Берлин останува посветен да ја оствари целта. Тој се осврна и на бугарската блокада кон Северна Македонија поради јазикот и историјата. Минатата недела повеќе медиуми објавија документ на Софија испратен до земјите членки во кој се бараат отстапки од Северна Македонија за идентитетски и историски прашања.
За германскиот министер земјите членки на ЕУ не треба да вметнуваат нови услови и критериуми.
-Конечно после долго време успеавме да оствариме напредок со Северна Македонија во Европа, германското претседателство од блиску внимава на тоа што се случува на западен Балкан. И повеќе од тоа, ние сакаме да видиме посветеност од ЕУ за западниот Балкан, западниот Балкан треба да може да смета на нас, изјави Рот за МИА.
Тој нагласи дека е постигнат значаен напредок под хрватско претседателство во март кога земјите членки, по повеќе одлагања, конечно се согласија да дадат зелено светло за старт на преговори со Албанија и Северна Македонија и дека целта на Германија е да се одржи првата меѓувладина конференција во декември оваа година.
-Ние себе се гледаме како чесни олеснувачи за да се изградат мостови стабилни за сите и разговараме за прашањата со нашите бугарски партнери, затоа што треба да работиме врз основа на тоа за што сме се договориле заедно, не треба да воведуваме дополнителни критериуми и услови кои не фигурираат во заклучоците на Советот (од март, нз), рече министерот Рот.
Германија ги повикува сите да работат „во конструктивен дух”.
-Западниот Балкан не е нашиот заден двор, туку внатрешен двор и во интерес на сите земји членки, посебно на оние кои им се блиски соседи, да се даде европска перспектива за да стане регионот место на мир, стабилност и помирување, рече германскиот министер за Европа.
Димитров вчера се сретна и со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, со кои исто така се разговарало за преговарачката рамка како и за потребните реформи на патот на ЕУ, за кои Комисијата бара забрзување од македонска страна.
Од кабинетот на еврокомесарот Вархеји за МИА кусо објаснија дека се разговарало за „следните чекори до зелено светло за пристапни преговори”, што ја подразбира преговарачката рамка.
-Комесарот и вицепремиерот исто така разговараа за потребата да се забрзаат реформите како што се заложи новата влада, велат дд кабинетот на еврокомесарот.
Вархеји и Димитров разговарале и за економската помош на Европската Комисија за справување со последиците од пандемијата.
-Врз основа на финансискиот договор потпишан кон крајот на минатата недела ќе стигне сума од 40 милиони евра директна буџетска поддршка, а овие денови и транша од макрофинанскиот пакет во износ од 80 милиони евра, изјави Димитров.
Вицепремиерот бил „детално информиран” од страна на Европската Комисија за најавениот Економски и инвестициски план кој треба да се објави на почетокот на идниот месец.
-Ќе мораме да се стрпиме бидејќи сѐ уште трае процесот на консултации, некаде на почетокот на октомври ќе биде објавен но очигледно пред нас е голема шанса за инфраструктурно поврзување, за зелена агенда, за економски развој на нашата татковина како и на регионот, рече вицепремиерот.
За крај Димитров се сретна и со потпретседателот на Европската Комисија, Маргаритис Схинас, задолжен за “промоција на европскиот начин на живот”, односно за миграцијата.
На средбата, како што соопштија од кабинетот на вицепремиерот, станало збор за важноста на мисијата Фронтекс “во овие моменти кога се реактуелизира прашањето на миграцијата”.
Потпретседателот Схинас изразил силна поддршка за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, како и подготвеност за поддршка од неговиот тим во областите од неговата надлежност.