Заштита на културното наследство, санирање на штетата од проектот Скопје 2014, ревидирање на Колективниот договор, обезбедување услови за работа на културните работници, одбележување два јубилеја-50 години од смртта на Параскева Кирјази и 100 години од раѓањето на Блаже Коневски, отворање и затворање на поглавјето 26 од преговорите со ЕУ; кое се однесува на културата, се дел од приоритетите во програмата на новата министерка за култура Ирена Стефоска.
Врвен приоритет за Стефоска е грижата за нематеријалното културно наследство, со акцент на градот под закрила на УНЕСКО Охрид, потоа, црквата од 12 век, Свети Ѓорѓи во Курбиново и манастирот „Успение на Пресвета Богородица” во Матејче.
– Црквата во Курбиново е од 12 век, што значи не е само наше културно наследство, туку е и светско добро. Ќе побарам таа да биде прогласена за културно наследство во опасност. Со тој статус ќе се мобилизираат стручните лица и меѓународни експерти, за трајно решавање на тој проблем, истакна Стефоска.
Таа рече дека иницијатива за прогласување на културно наследство во опасност била поведена и за манастирот во Матејче, но сè уште не е одобрена.
Министерката за култура лично ќе ги обиколи спомениците од Втората светска војна за да види во каква состојба се. Таа рече дека антифашистичката борба е многу важна и дека младите генерации треба да живеат во духот на антифашизмот.
Стефоска истакна дека проблемот со задоцнетите плати во културата се решил и се решава со макотрпна работа.