ФИТР: 2,35 милиони евра за поддршка на 84 микро и мали стартап компании

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, ги презентираа 84 старт-ап компании, што ќе добијат финансиска поддршка од ФИТР на јавниот повик „Стартапувај 2″.
Државата во нив ќе вложи 2,35 милиони евра. Во рамките на овој повик, во првиот бран беа поддржани 53 компании, но поради квалитетниот број апликации по препорака на Комитетот за одобрување на инвестиции, беа обезбедени дополнителни милион евра, за поддршка на уште 31 микро и мали стартап компании. Вкупниот обем на инвестиции изнесува над 3 милиони евра, од коишто 77%, односно 2.35 милиони евра се средства што ги обезбедува Владата во соработка со Светска Банка, а 23% од средствата, односно речиси 702 илјади евра се средства коишто ќе ги обезбедат самите компании.
На настанот кој се одржа во Музејот на современа уметност, своите искуства и успешни приказни ги споделија Симона Николова од „Уретани” и Игор Томовски од „Пајл Контрол” чии компании беа избрани на првиот повик „Стартапувај”. Тие веќе успешно работат и на меѓународните пазари, а за нив поддршката од државата и Фондот била клучна за развој и напредок. Со своите говори ги мотивираа сите да се охрабрат и да аплицираат бидејќи како што велат процесот е транспарентен и беспрекорен, а техничката поддршка од Фондот особено значителна.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи е охрабрен од ваквите примери.
„Верувам дека изминатите три години, покажавме и докажавме како треба и како се поддржуваат луѓето кои имаат добри идеи. Го етаблиравме Фондот за иновации како дом за секој храбар, млад човек со конкретна идеја. Во портфолиото на Фондот, само во овие 3 години, заедно со овие кои денес ги објавуваме, поддржани се или ќе се поддржат повеќе од 500 домашни компании, во најголемиот дел станува збор за микро и мали фирми, што е навистина неспоредливо со периодот пред 2017 година, кога беа поддржани само 30-ина компании. Притоа, ова се компании кои ќе реализираат проекти во вредност од 73 милиони евра, вкупен обем на инвестиции, и влог на компаниите и поддршка од ФИТР”, рече во своето обраќање вицепремиерот Фатмир Битиќи.

Министерот за економија, Крешник Бектеши најави зголемена поддршка и нови владини мерки за стартап компаниите во иднина.

„Сакам да ви  честитам за храброста во овој период да ги почнете со реализација на вашите бизниси со што секако ќе станат вредни не само во нашата држава, преку една ваква идеа со мал труд може да станете големи компании во глобални рамки. Јас сум убеден дека имаме многу млади луѓе кои имаат идеи само треба да ги охрабриме, да им дадеме можност, да не ги спречиме во исполнување на нивните идеи, а на таков начин ќе креираме и подобра економија за нашата држава, но истовремено подобар животен стандард за нашите граѓани ќе креираме подобро платени работни места, а на тој начин ќе направиме поуспешна држава за сите нас, а утре и за нашите деца”, истакна во своето обраќање министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој додаде дека ако пред три години државата не одвојуваше ни 1,5 милиони евра за стартап бизниси, сега само во период од една година буџетот за оваа намена е зголемен за 10 пати. Според него, ваквите успешни приказни се поттик во иднина да се зголеми буџетот за поддршка на младите за стартап бизниси.

„Можам да ви кажам само едно големо благодарам, дека се охрабривте и во ова време на криза решивте да инвестирате во својата иднина и развој. Токму вие млади луѓе и вашите компании сте она здраво јадро во економијата што ќе не извлече напред. Со вас, од оваа економска криза ќе излеземе посилни. Во овие три години заедно покренавме инвестиции од над 73 милиони евра, од кои над 40% се ваш влог, на домашните компании. Сега, веќе можеме гордо да зборуваме за многу успешни приказни и резултати од работата во изминатите три години. Само во 2019 година фирмите што користат средства од Фондот уплатиле на име придонеси и данок на добивка за 3,5 милиони евра повеќе средства во Буџетот отколку што Фондот исплатил кон проектите. Тоа се 3,5 милиони евра повеќе за болници, училишта, наставен кадар и медицински персонал, за пензии, социјала”, рече Деспотовски.

Тој нагласи дека охрабрува фактот што Фондот ги поттикнал младите во земјава своите бизнис идеи да ги преточат во успешен бизнис, што го потврдува и бројката дека над 52% од овие компании се основани во последната година. Деспотовски додаде и дека со таргетирани мерки во изминативе години континуирано се работи на поддршка на стартап заедницата.

“Со овој повик веќе семејството на ФИТР брои над 500 компании. Но речиси 55% од нив, односно 299, се токму стартап компании. Во нив вложуваме над 17 милиони евра. За споредба до 2017 биле поддржани само 30 стартап компании со 850.000. Успеавме и покажавме дека оваа држава може да биде водечка, и тоа во една област што е неверојатно клучна во 21 век. Престижниот „Фајненшал тајмс” го рангираше токму Скопје за место со најдобра клима за почеток на старт-ап бизнис. И, тоа не е случајно, туку темелно одработено со конкретни резултати кои ги покажавме особено во изминативе 3 години”, рече Деспотовски.

Инаку, стартап компаниите избрани на овој повик ќе работат на проекти во 15 различни области, меѓу кои и во медицина, градежништво, земјоделие и ИТ технологии. Во најголем дел се микро (75) и мали (9) компании. Со реализација на инвестициските проекти, ќе се отворат нови добро платени работни места за млади луѓе, односно овие компании кои моментално вработуваат 280 лица, ќе вработат дополнителни 246 луѓе со просечна плата речиси 600 евра.

Вкупно 235 компании аплицирале во рамките на јавниот повик „Стартапувај 2″, 203 ја поминале фазата на административна проверка, а 181 продолжиле во фазата на финална селекција.

Треба да знаете
Последни објави