Министерката за образование и наука Мила Царовска, денескс учествуваше на меѓународна онлајн дебата „Иднината на образованието” организирана од списанието за одржлив развој „Лице в Лице” и асоцијацијата „Паблик”. На конференцијата, како што информираат од МОН, министерката зборуваше за важноста на наставниците во образовниот процес, но и за продолжувањето во инвестирање и осовременување на образованието.
–Важно е да се вложува во наставниот кадар и во мотивација на наставниците со што сите заедно ќе придонесеме за поквалитетно образование. Неопходно е да има двонасочна комуникација, помеѓу институциите во системот и наставниците, со што секој наставник ќе ја добие потребната поддршка во својот професионален развој. На ова посветено и силно ќе работиме, истакна Царовска.
На онлајн конференцијата учествуваа и експерти за образование од Шведска, Шкотска и Канада, претставници од Светска банка и професори од Северна Македонија. Активноста е дел од проектот „Лице в лице со граѓаните”, кој е поддржан со грант од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија” имплементиран од Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги (UNOPS).