– Моќниот ватикански кардинал, Џовани Анџело Бечиу, кој е вмешан во скандал со недвижнини, денеска изнанадувачки поднесе оставка и се откажа од правото да учествува во изборот на следниот папа.
Во краткото соопштение, а невообичаено е што беше издадено синоќа, се наведува дека папата Франциск ја прифатил оставката на кардиналот Џовани Анџело Бечиу, шеф на одделот што одлучува за канонизација.
Но, позначаен дел од изјавата е таа во која се наведува дека 72-годишниот Бечиу се откажал од „правата поврзани со функцијата кардинал”.
Најважното право на кардиналите на возраст под 80 години е да учествуваат во конклавата што избира нов папа. Таквото откажување значи дека причината за оставката на Бечиу е веројатно сериозна.
Последен што стори такво нешто беше шкотскиот кардинал Кит О’Брајан во 2013 година поради сексуален скандал.
Бечиу до 2018 година беше заменик државен секретар, една од најмоќните позиции во Ватикан.
За време на неговиот мандат, тој беше дел од контроверзниот договор со кој Секретаријатот на Ватикан користел црковни пари за купување луксузна зграда во Лондон. Истрагата за случајот минатата година доведе до суспендирање на петмина ватикански претставници, оставка на началникот на полицијата во Ватикан и заминување од функцијата на поранешниот шеф на Канцеларијата за финансии.
Бечиу тогаш ја негираше својата вина и го бранеше купувањето во Лондон, тврдејќи дека вредноста на имотот е порасната.