Претседателот на Албанија, Илир Мета, на 75. заседание на ООН изјави дека членството на Косово во ООН би било корисно не само за Косово, туку и за целата меѓународна заедница.
„Го охрабруваме и поздравуваме фактот дека албанскиот фактор продолжува да го поддржува европскиот и евроатлантскиот курс низ целиот регион, истовремено зајакнувајќи ја регионалната соработка во дизајнирањето и спроведувањето на амбициозни проекти“, рече Мета, поздравувајќи го договорот од 4 септември во Вашингтон.
“Го поздравуваме договорот за економска нормализација постигнат меѓу Косово и Србија, со посредство и гарантиран од американскиот претседател Доналд Трамп. Се уште се надеваме дека овој договор ќе донесе нова динамика во односите меѓу Косово и Србија. Со посредство на Европската Унија, двете земји треба да ја искористат оваа можност да постигнат конечен и правно обврзувачки договор за меѓусебно признавање, како и целосно нормализирање на односите меѓу нив“, рече Мета за време на својот говор, објави „Косово онлајн“.
По говорот, Мета рече дека Албанија силно верува дека Косово е гарант за безбедноста и стабилноста на Балканот.
„Косово воспостави силна уставна и законска рамка која обезбедува невидена заштита на правата на малцинствата и нивното културно наследство. Ова е целосно доследно, па дури и ја надминува релевантната европска правна рамка во однос на заштитата на човековите права. Денес, Косово е член на многу меѓународни организации и регионални иницијативи. Членството на Косово во сите меѓународни организации, вклучително и во Обединетите нации, би било корисно не само за Косово, туку и за целата меѓународна заедница“, рече Мета.