За директорите на институции кои Владата ќе ги именува и за членовите на надзорните и управните одбори ќе биде објавен конкурс, а тие ќе треба да поднесат мотивационо писмо и програма за работа за да може на крајот на нивниот мандат да се оцени што е сработено.
На ваков начин, смета вицепремиерот задолжен за задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, ќе бидат избрани вистински професионални кадри.
– Тоа е огромна промена која досега за најголем дел од нив не е законска обврска. Зборувам за нови стандарди, нови пракси кои имаме волја да ги воспоставиме. Кога ќе го отвориме тој процес, сигурно дека тоа ќе биде можност за луѓе со капацитет да се вградат во институциите и во овие четири години кога општеството треба да го трансформираме. Тоа што не било направено со генерации, да почнеме да го менуваме, рече Николовски, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција во Владата.
Додаде дека не е можно се да се промени за неколку месеци или години, но, како што рече, постои огромна политичка волја овој процес да започне и полека да се стави ред во самите институции.
Повтори дека една од првите активности на неговиот Кабинет ќе биде и формирањето на работна група која ќе ги скенира законите и ќе предложи мерки со кои ќе се ограничат дискреционите права на функционерите.
Во делот на ревизорските извештаи, Николовски рече дека планот не е да се читаат сите извештаи, туку да се смени перцепцијата за овие извештаи и препораките во нив сериозно да бидат сфатени од страна на раководните лица на институциите.
– Имаме институции, акционерски друштва и јавни претпријатија кои се основани од Владата, а имаат загуби. Сакаме да извршиме притисок навистина оние одговорни кадри кои треба да бидат носители на позициите, да се фокусираат на исполнување на препораките и наодите од ревизорските извештаи. Доколку тоа не се прави, ќе биде покрената соодветна постапка согласно Етичкиот кодекс. Зборувам за еден таков систем во кој ревизорските извештаи сериозно ќе бидат земени предвид од наша страна, под мониторинг, а не да служат единствено за да бидат изработени и никој по нив да не постапува, појасни Николовски.
Најави дека во борбата против корупцијата, Владата ќе ги земе предвид и 40-тината препораки од извештајот на Транспаренси интернешнал.