Рестриктивните мерки против ширењето на коронавирусот албанскиот туристички сектор го доведоа до целосен колапс,констатира Ора њуз, повикувајќи се на податоците на Институтот за статистика, ИНСТАТ. Според ИНСТАТ во август приливот на албански и странски државјани се намалил за 62,5 отсто во споредба со август минатата година.
И покрај ограничувањата, повеќе од 310.000 граѓани влегле во земјата, при што најголемиот број од оние што ја избрале Албанија се граѓаните од Косово.
-Ограничувањето на движењата поради пандемијата со Ковид-19 услови тешка состојба за туризмот во земјата. Институтот за статистика соопшти дека во текот на август на албанска територија влегле 846.973 албански (емигранти) и странски државјани, што е пад од 62,5 отсто во споредба со август 2019 година, пренесува Ора њуз.
Додава дека косовските граѓани биле „најверни туристи како и секоја година” што претставуваат околу 62 отсто од вкупниот број посетители. Сепак и кај косовските туристи се бележи пад од 54,4 отсто во споредба со август минатата година
И покрај ограничувањата за движење на албанските граѓани, во последниот месец 310.593 албански државјани патувале надвор од границите на земјата, но и таму се бележи пад од 57,2 отсто.
-Најчесто користен начин за патување во овој период е по копно, а многу помалку е користен воздушниот сообраќај. Кризата намногу се одрази на патувањата по море каде е забележано намалување од 85,1 отсто во споредба со август минатата година, наведува телевизијата.
Истиот извор посочува дека ситуацијата е уште подраматична во периодот јануари-август бидејќи приливот на странски државјани резултира со пад од 64,2 отсто, додека оној на албанските граѓани за околу 52 отсто.