Нова опрема и студентски сервис за поддршка на студентите со попреченост при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” денеска беше презентирана на Филозофскиот факултет во Скопје.
Опремата или асистивните уреди се состојат од брајов принтер, 3Д принтер, два персонални компјутери со тастатури прилагодени за студенти со засегната фина моторика, два колор печатачи, машинка за пластифицирање и рачен нож за хартија.
На настанот, како што соопштија денеска организаторите, присуствуваа амбасадорот на Бугарија во земјава, Ангел Ангелов, како и претседателот на Здружение на граѓани за едукација на млади План Б, Димитар Нацоски.
За значењето на проектот за сите студенти со попреченост од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј, на настанот присуствуваше и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, Никола Јанкуловски и деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев.
Опремата е добиена во рамки на проектот „Служба за поддршка на студенти со попреченост и работилница за изработка на дидактички материјали” кој Филозофскиот факултет во Скопје го реализира во партнерство со Здружение на граѓани за едукација на млади План Б.
Проектот е финансиран од програмата „Бугарска соработка за развој”.