Шефот на Светската здравствена организација за одговор на грип, Ан Моен, денеска изјави дека некои земји на северната хемисфера имаат проблеми со набавка на дополнителни дози на вакцина против грип, во услови на зголемена побарувачка.
Таа рече дека на здравствените работници и старите лица треба да им се даде приоритет во случај на недостиг на вакцини, пренесува Гардијан.
Додека официјалните лица предупредуваат на можна епидемија на двојна корона и грип, СЗО препорачува вакцинирање против сезонски грип за да се спречи пренатрупаноста во болничките установи.
Моен истакна дека во моментов многу помалку вируси на грип циркулираат на јужната хемисфера отколку порано, што се должи на мерките на социјално растојание и ограничувањата воведени поради епидемијата на новиот коронавирус.