Во рамките на официјалната посета на делегацијата предводена од Претседателот на Словенија Н.Е. г. Борут Пахор, Вицепремиерот за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со министерот за економија Крешник Бектеши, го пречекаа словенечкиот колега, вицепремиерот и министер за економски развој и технологија Здравко Почивалшек, со кого дискутираа за економската соработка помеѓу двете земји и за можностите оваа соработка да се унапреди дополнително.
Вицепремиерот Битиќи во своето воведно обраќање за добредојде го информираше колегата Почивалшек, дека Владата на Република Северна Македонија започна со економските реформи, преку разговори со сите чинители на економското живеење, за создавање на Платформа за економски развој за наредните 20 години, а целта е да се обезбеди побрз и одржлив економски раст, како еден од клучните елементи за интеграција во Европската Унија, но и за подобар живот на граѓаните.
„Словенија и Северна Македонија се слични по големина и бројот на жители, сепак словенечката економија е понапред од нашата. Има голем број на компании од Словенија кои работат во Северна Македонија, но и обратно, тоа е знак на солидна економска соработка, а мислам дека има многу области каде можеме да ја унапредиме соработката“, рече Битиќи во разговорот со Почивалшек.
Тој додаде дека нашата земја има најконкурентни услови за привлекување на странски инвестиции, но и за поттикнување на инвестиции на домашни компании, преку мерките содржани во Законот за финансиска поддршка на инвестициите.Планираме реализација на големи инфраструктурни проекти за изградба на железничкиот коридор 8, кои се со вкупна проценета вредност од околу 800 милиони евра, а за нивна реализација преку отворена и јавна постапка може да се пријавуваат и странски компании, вклучително и компании од Словенија со искуство од оваа област.
Вицепремиерот и министер за економски развој и технологија на Словенија, Здравко Почивалшек, се согласи дека економските односи помеѓу двете земји се на многу високо ниво. Тој се осврна и на бројот на туристи од Северна Македонија во Словенија, кој континуирано, се до пред ковид кризата беше во пораст.
Вицепремиерот Почивалшек информираше за мерките кои ги преземала Словенија за справување со последиците од пандемијата предизвикани од коронавирусот Ковид 19, рече дека очекува пад на БДП околу 13% за оваа година, а веќе наредната да се нормализираат економските односи.
„Словенечката економија е извозно ориентирана, околу 85% од целото производство се извезува во земјите од ЕУ. Можно е унапредувањето на соработката помеѓу двете земји во поглед на инвестиции од двете страни“, рече Почивалшек и додаде дека гледа можности за инвестиции на словенечки компании во проекти од хидро енергија, управување со отпад, управување со води и заштита на животната средина.
Министерот Бектеши се осврна на реформите во енергетскиот сектор, кои активно се спроведуваат по донесувањето на новиот Закон за енергетика во 2018 година.
„Имаме целосно хармонизирана легислатива во делот на енергетиката со Европската Унија, како што има и Словенија. Минатата година започнавме со реализација на проекти за изградба на нови фотоволтаични централи на територијата на Северна Македонија, со што сакаме да го зголемиме производството на електрична енергија од обновливи извори. Од 11 локации за изградба на фотоволтаични централи, три локации се доделени на словенечки компании со вкупна инсталирана мо’ност од 17 мегавати“, нагласи министерот Бектеши и додаде дека гледа голем потенцијал за развој во повеќе области , при што се наврати на туризмот, кадешто во последните години има 6% раст на словенечки туристи во Северна Македонија.
Вицепремиерот Битиќи и министерот Бектеши го информираа словенечкиот колега за Законот за стратешки инвестиции, со кој се овозможува брза реализација на стратешки инвестиции од повеќе области, а исто така разговараа и за тендерот за изградба на хидроелектраната Чебрен, на кој може да се аплицира до 18 декември и предвидува изградба на хидро централа со инсталиран капацитет од 425 мегавати.