Локалната самоуправа на Општина Кратово денеска организираше еколошка акција насловена “Учествувај во промената”, со која беше расчистен познатиот туристички локалитет Камени кукли.
-За целосно да ја промениме сликата на локалитетот Камени кукли, во селото Куклица во една привлечна и убава локација за посетителите, денеска спроведовме еко-акција за расчистување на секаков вид ѓубре, отпадоци и пластични шишиња што ги одложиле неодговорните граѓани. Ги повикавме граѓаните со слоганот “Учествувај во промената”, за промена на навиките на граѓаните да не фрлаат ѓубре туку да проработи нивната свест за заштита на животната средина, но не наидовме на масовен одзив од населението.Сепак, акцијата ја оценувам како успешна, бидејќи целосно е расчистен локалитетот, изјави градоначалникот на Општина Кратово, Љупчо Бојаџиев.
Упати благодарност за учеството и големиот несебичен ангажман на веќе препознатливите, како што рече, акцијаши, од Кратово: Елена, Катерина, Насер, Иван, Младено, Иво, честитајќи им на ентузијазмот и вистинската грижа локалитетот да блесне во вистинско светло, очекувајќи ги туристите.