Бошњаците се составен и нераскинлив дел од богатството во нашата мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава. Иако претставуваат мал по број, се исклучително многу вреден и драгоцен сегмент во концептот „Едно општество за сите”. Владата на Република Северна Македонија и во иднина ќе продолжи да ги зајакнува институционалните можности за негување и унапредување на интересите и културните особености на бошњачката заедница. Ова синоќа го истакна премиерот Зоран Заев во велешкото село Оризари, каде се одбележа Денот на Бошњаците – 28 Септември.
Премиерот напомена дека во градењето на добри односи со сите земји во регионот, во 2017 и 2018 година нашата земја и Босна и Херцеговина потпишаа серија на билатерални договори. Од кои, како што рече, издвојувам две важни работи: наскоро граѓаните на двете земји ќе почнат да се движат само со лични карти и студентите од земјава во БиХ ќе можат да студираат како домашни студенти и обратно.
-Годинава празникот го славиме во период кога сите ние се соочуваме со најголемата светска криза во новиот век предизвикана од КОВИД-19. А токму врз начелата на почитување и солидарност ќе се справиме со непогодите и предизвиците, градејќи општество на еднакви можности – Едно општество за сите! Во овој мандат Владата сериозно ќе се заложи за подобрување на квалитетот на образованието на јазиците на помалубројните заедници, па така и на квалитетот на образованието на мајчин јазик, рече Заев.
Премиерот честитајќи го празникот, порача – „ Да продолжиме сите заедно да градиме просперитетна иднина и благосостојба. Заеднички да чекориме по европскиот пат, да продолжиме со спроведувањето на реформите и да работиме на подобрување на квалитетот на живот и стандардот на граѓаните”.