Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Брисел, оствари средба со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји. Средбата беше во функција на остварување на мисијата на Османи да го заокружи евро-интеграциското досие на Северна Македонија, формалниот почеток на преговорите за членство во ЕУ да започне без одлагање и во рамки на овогодинешното Германско претседателство со Советот на ЕУ; впрочем, соговорниците ваквата цел ја оценија како заедничка.
„Новата Влада останува силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, со дополнителен импулс и проактивност во развојот на добрососедските односи, како клучна додадена вредност во развојот на регионалната стабилност. Новиот парламентарен состав има европски предзнак и очекувам континуитет во спроведувањето на реформите.” истакна Османи, посочувајќи на високите очекувања во земјата од Германското претседателство, во насока на заокружување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.
„Ве уверувам дека не само реформскиот процес, туку новата Влада ќе го искористи претстојниот период за финализација и на административно-техничката и политичка подготвеност на земјата за старт на преговорите, преку навремено заокружување на преговарачката структура, соодветно на принципите на новата методологија, применувајќи ја секако и новата групација на поглавјата по кластери”, порача Османи, посочувајќи на остварувањата во претходниот мандат, во насока на веќе изградениот костур и легислативна подготовка за преговарачката структура, како и веќе успешно одржаниот објаснувачки скрининг.
За време на средбата Комесарот Вархеји информираше дека Европската комисија набрзо ќе го објави редовниот пакет за проширување заедно со годишните извештаи за земјите од процесот на стабилизација и асоцијација со ЕУ. Како негово надополнување беше најавено објавувањето на Економско инвестициската програма на ЕК за регионот на Западен Балкан со која ќе се одвои значителна финансиска поддршка во облик на неповратни средства и заеми за спроведување на инфраструктурни проекти од областа на транспортното и енергетско меѓу-поврзување на регионот. Ова ќе претставува силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, унапредена регионална соработка и засилени конекции со ЕУ.
Тема на средбата беа и иницијативите на Берлинскиот процес, особено во рамките на заедничкото ко-претседавање меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија кое е закажано за 10 ноември, во Софија. Беше констатирано дека симболичното ко-претседателство на една земја членка на ЕУ со земја кандидат, што е единствен случај досега, претставува вистинска можност за промоција и зајакнување на добрососедството меѓу двете земји, како и промоција на заедничката аспирација за европска интеграција на целиот регион.
Османи во текот на денот ќе се сретне и со Андреас Шидер, претседавач со Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, Илхан Ќучук, известителот за Северна Македонија во Европскиот Парламент како и со Андреј Ковачев, потпретседател на ЕНП.
Во рамките на денешната интензивна агенда, Османи има планирано и средба со потпретседателката на Европската Унија одговорна за демократија и демографија, Дубравка Шуица.