МИА бележи 22 години од емитувањето на првата вест

„Едно лице почина, 17 се повредени во земјотресот во Србија” е насловот на првата вест што МИА (Медиумската информативна агенција) ја емитуваше на 30 септември 1998 година, со што почна редовната продукција на информации до корисниците.

МИА е јавен информативен сервис, основан од Собранието на Република Македонија во февруари 1992 година.

МИА ангажира педесеттина новинари за вести и новинари-репортери во редакцијата и триесетина новинари-дописници од државава и од странство.

МИА има дневна продукција од 300 до 350 вести и други прес информации на македонски, англиски и на албански јазик и развиена дописничка мрежа во земјава и во светот.

МИА произведува и специјални тематски потсервиси и дневни и неделни билтени, а исто така продуцира и Фото – сервис достапен преку веб-страницата на Агенцијата – www.mia.mk.

Согласно современите трендови во медиумите, МИА последниве години формираше и Видео – сервис, кој објавува на снимки и изјави од настани на интернет страната и Јутјуб каналот на МИА, како и директно емитување на видеа на нејзината веб страна и профилот на Фејсбук.

Корисници на МИА се електронските и печатените медиуми во земјава, македонските амбасади во странство, странски дипломатски и други претставништва и мисии во Северна Македонија, како и медиуми на наши иселеници во странство.

МИА соработува и со големите новински агенции – Европската пресфото агенција ЕПА, германската ДПА, британскиот јавен сервис Би-Би-Си, кинеската ХСИНХУА, иранската ИРНА, руската ТАСС, корејската ЈОНХАП, а сервисите на МИА ги користат и светските информативни сервиси Дојче веле, Слободна Европа, Гласот на Америка…

Треба да знаете
Последни објави