Ерменскиот министер за надворешни работи Зохраб Манкаканијан испрати писмо до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во кое го известува за „воената офанзива што ја започнаа властите во Баку” во самопрогласената република Нагорно Карабах и изрази загриженост поради турската поддршка за воената акција на Азербејџан.
Во соопштение на ОН се вели дека министерот за надворешни работи на Ерменија изразил длабока загриженост во врска со изјавите од Анкара за безусловна поддршка за активностите што ги спроведуваат азербејџанските власти во Нагорно Карабах.
– Министерот Мнакаканијан предупреди дека провокативните вооружени активности на Азербејџан не претставуваат само флагрантно кршење на меѓународното хуманитарно право, туку може да доведат и до општа регионална војна, се вели во соопштението.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев ги негираше обвинувањата на Ерменија дека Турција активно учествува во вооружените конфликти во Нагорно Карабах.
Ерменското Министерство за одбрана претходно соопшти дека по целата линија на фронтот во самопрогласената република Нагорно Карабах и денеска продолжува размена на артилериски оган.
– Ерменските единици за противвоздушна одбрана соборија две непријателски беспилотни летала над градот Степанакерт, изјави претставничката на Министерството за одбрана во Ереван, Шушана Степанијан.
Во исто време, азербејџанското Министерство за одбрана утрово соопшти дека ерменската артилерија го гранатира градот Тертер, кој се наоѓа на самата линија на фронтот.
Според достапни извештаи од местото на настанот, ерменската артилерија ја уништува инфраструктурата, а во нападите има и цивилни жртви.
Двете страни меѓусебно се обвинуваат за оваа последна ескалација на насилството, која денеска влегува во четвртиот ден.