Вкупно 6,7 милиони евра е вредноста на договорите за итни јавни набавки за заштита од коронавирусот склучени во првите шест месеци од кризата, една третина од вредноста на овие договори отпаѓа на Министерство за внатрешни работи (МВР) кое со 2,2 милиона евра води според износот на склучените договори, 43 отсто од вредноста на сите тендери им припаднале на само пет фирми иако вкупно 186 добиле тендер поврзан со коронавирусот, за 68 проценти од склучените договори институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето, на секој трет склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач, постојат значајни разлики во цените на набавените маски, скафандери и ракавици, а дел од договорите не содржат прецизен опис на производите што се набавуваат, што остава простор за злоупотреби при реализација на договорите.
Ова се клучните наоди од мониторингот на итните јавни набавки поврзани со КОВИД-19 што го спроведе Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) од март до септември 2020 година.
Во сумарниот извештај на ЦГК стои дека покрај МВР, останатите институции со најголема вредност на набавки поврзани со коронавирусот се Министерството за здравство, Универзитетската клиника за трауматологија, Градската општа болница „8 Септември” Скопје и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Прва на листата со склучени највредни договори за итни јавни набавки е прилепската фирма „Гифти текс”, за набавка на маски за потребите на министерствата за внатрешни работи и за одбрана. Следни, со позначаен износ на склучените договори, се скопските фирми „Биотек” и „Соникс Анастасија”, а во првата петорка, но со помали износи, влегуваат и скопски „Алкалоид” и кавадаречката „Лиса-Ком МС”.
Според истражувањето, големи разлики во цените од институција до институција има кај сите производи што се набавуваа во кризата: маски, ракавици и скафандери. Кај маските, освен големите разлики во цените во зависност од видот на маската, големи разлики има и кај цените на маските од ист вид. Институциите купувале 16 различни видови маски. Најскапо платена е маска од видот „FFP2″ – 448 денари по парче, а најголеми разлики во цените за еден ист вид маски имало кај „респираторните маски N95″, коишто се движат од 66 до 313 денари за маска. Кај „заштитните скафандери за еднократна употреба”, цените се движат од 177 денари до 1.156 денари по скафандер. Инаку, низ набавките, забележани се седум различни описи на набавените скафандери, од коишто најскапиот е по цена од 1.788 денари – опишан како медицински заштитен скафандер. И кај ракавиците има пет различни видови, чии цени се движат од 1,8 денари до 9,32 денари за една ракавица.
Како што наведува ЦГК, значаен дел од институциите не ги наведуваат во договорите ниту договорените количини, ниту договорените поединечни цени, со што практично го оневозможуваат увидот во суштинските делови од тендерите.
Сумарниот извештај од мониторингот на итните јавни набавки поврзани со корона вирусот може да се прочита на https://www.opendata.mk/Home/TekstualniDetails/101?Category=2.