По вечерашните реванш натпревари од плејофот за пласман во групната фаза од фудбалската Лига на шампионите, Митјиланд, Краснодар и Салцбург го комплетираа списокот со учесници во елитното лигашко клупско натпреварување.
По Ференцварош кој обезбеди настап вчеравечер во елитното друштво, Краснодар и Миттјиланд се новите две екипи кои за прв пат ќе играат во групната фаза.
Митјиланд испиша клупска историја вечерва со победа од 4:1 против Славија Прага. Откако првиот дуел во Прага заврши без голови, данскиот претставник Митјиланд славеше со 4:1. Гостите од Чешка поведоа со голот на Петер Олајинка уште во третата минута. Во 56-тата Ерик Свјаченко израмни на 1:1, а потоа следуваше погодок на Сори Каба во 65-тата. Во 84-та прецизен од белата точка беше Александер Шолц. На две минути пред крајот на мечот Франк Онејка зголеми на 3:1, а конечните 4:1 ги постави Андерс Дрејер во првата минута од судиското продолжение.
ПАОК повторно не успеа да се пласира во Лигата на шампионите откако Краснодар и во вториот меч во Солун забележа победа од 2:1. Во 73-тата минута Јанис Михалидис ја погоди сопствената мрежа за водство на Краснодар од 1:0. Само четири минути подоцна Омар Ел Кадури израмни на 1:1, а триумфот на гостите им го донесе Реми Кабела со голот во 78-та минута.
Салцбург и во вториот натпревар беше поуспешен од Макаби Тел Авив, а овој пат триумфираше со 3:1. Патсон Дака во 16-тата минута го постигна првиот гол за домаќинот. По половина час од играта во листата на стрелците се запиша Еден Карзев за израмнување на 1:1. Во последните моменти од првото полувреме Доминик Собослаи му носи предност на Салцбург од 2:1, а последниот погодок на мечот беше дело на Патсон Дака во 68 минута.