Како неодговорни и спротивни на интересите на граѓаните ги оцени премиерот Зоран Заев најавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека во Собранието нема да гласа за потврдување на вонредните состојби што поради пандемијата предизвикана од КОВИД-19 ги потпиша претседателот на државата Стево Пендаровски, во услови кога Парламентот беше распуштен.
-Во услови на КОВИД, кога доаѓа сезона на грип, зима, некој вака несериозно да ги поставува работите е несериозно, но секој си ја носи својата одговорност, рече премиерот Заев одговарајќи на новинарско прашање по посетата на ОУ „Јан Амос Коменски” во Карпош, по повод почетокот на учебната година.
Тој додаде дека и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ барал прогласување вонредна состојба, иако како што вели, воопшто не е важно гој побарал, зошто условите биле такви што тоа морало да се направи.
-Не е важно кој ја побара, ја побаравме заедно власта и опозицијата. Претседателот Пендаровски не послуша, ги слушна аргументите, одржавме состаноци и тој ја прогласи првата вонредна состојба, како и следните. Последната беше на барање на опозицијата заради изборите, немаше начин како поинаку да се организираат сосдветните законски датуми за одржување на изборите. Сега да се изјави дека не се поддржува вонредната состојба, дека нема да се гласа вонредната состојба е најблаго кажано неодговорно, рече премиерот.
Но, додаде тоа не значи дека ќе има било каква криза, бидејќи, како што потенцира системот ги има решенијата во себе.
-Процедурите мора да продолжат. Преседателот на Парламентот е должен да ги достави одлуките за вонредна состојба до преатениците. Тие треба да расправаат по нив. Не станува збор за уставна криза, ниту за некои проблеми за поништување на било какви одлуки кои се донесени, ниту пак процесот е реверзибилен, односно не може да се врати назад. Не постои ризик, истакна премиерот Заев.
Додаде дека одлуката претседателот ја донел воконсултација со правници, кои ги разгледувале сите законски и уставно можни варијанти, затоа што, како што посочи, сериозно е кога се рботи на важни одлуки, особено оние кои се носат првпат.
Тој побара солидарност од сите општествени чинители и поддршка за институциите кои треба да се справуваат со пандемијата и последиците од неа.
-Доаѓа зима. Кој знае дали ќе ни треба повторно вонредна состојба или не, кој знае дали Парламентот ќе може да се состанува или не. Ние треба да ги поддржуваме институциите без разлика дали сме опозиција власт. Потребна е меѓусебна солидарност, да покажеме поголема одговорост и солидарност оти ова е проблем со која се справува целиот свет, а полесно се справуваат со секој предизвик оние кои се солидарни имаат разбирање и ги решаваат работите низ дијалог, потенцира Заев.