Тврдењата на рускиот опозиционер Алексеј Навални за претседателот Владимир Путин се навредливи и неосновани, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тврдењата на Навални дека рускиот претседател наводно бил поврзан со инцидентот со „труење”.
Коментирајќи го интервјуто на Навални за „Шпигел”, во кое тој зборува за Путин, Песков вели дека „оваа реторика која се граничи со навреди е познато средство за оние кои сакаат да се стават на рамноправно ниво со шефот на државата и тврдат дека учествуваат во некоја политичка борба “.
– Вистинските ривали на претседателот во политичката борба се други луѓе и сили, тие не се квази и маргинални, туку вистинска опозиција. Затоа, не сметаме дека е можно да учествуваме во каква било дискусија во иднина и нема да коментираме или да даваме изјави за ова прашање, нагласи Песков.
Тој додава дека Русија се обидува да го испита случајот и да ги утврди причините за инцидентот.
Песков повтори дека за тоа Русија треба да добие информации од оние кои откриле траги на труење во примероците на Навални, односно од германски лекари.
Зборувајќи за плановите на Навални да се врати во Русија, портпаролот на Кремљ истакна дека „секој руски граѓанин може да се врати дома во секое време и во тоа нема херојство”.
– Тие можат да бидат подложени на третман во нашата земја и речиси сите луѓе го прават тоа. Во нашата земја се спасуваат животи и животот на овој пациент исто така е спасен во Русија, рече Песков.