Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски преку видео-порака се обрати на состанокот на високо ниво по повод 25-годишнината од Четвртата светска конференција за жените, што се одржа во рамки на 75. сесија на Генералното Собрание на Обединетите Нации на тема „Забрзување на реализацијата на родовата еднаквост и еманципирањето на сите жени и девојки”.
На настанот, преку претходно снимени видео-пораки се обратија над 170 шефови на држави и влади, како и претставници на невладини организации што работат во сферата на родовата еднаквост.
Со обраќањето на денешниот настан, претседателот Пендаровски го заврши учеството на 75. Генерално Собрание на Обединетите Нации, што годинава, поради пандемијата од КОВИД-19, се одржа без физичко присуство на светските лидери во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк.
-Дозволете ми да му се заблагодарам на Генералниот секретар за свикувањето на овој состанок на високо ниво кој има за цел да ја одбележи 25-годишнината од Четвртата светска конференција за жени.
Се соочуваме со невообичаени предизвици во време на КОВИД-19, кои, за жал, ги продлабочија пред-пандемиските родови нееднаквости. Тие само ја нагласуваат важноста на трансформативната глобална визија за еманципација на жените и девојките, во согласност со она што е утврдено во Пекиншката декларација и Платформата за акција.
Четвртина век подоцна, заложбите од Четвртата светска конференција остануваат моќен потсетник за нашите нецелосни потфати, но, и инспирација за мобилизација и одговорност за обврските што ги преземавме за родова еднаквост.
Северна Македонија е меѓу земјите-членки што ја поддржаа Пекиншката декларација и се обврзаа да постигнат родова еднаквост преку отстранување на системските бариери и соодветно овозможување на еднакви права и слободи за сите жени.
Во текот на последните две децении, го подобривме законодавството и воспоставивме институционални механизми за унапредување на родовата еднаквост. Забележавме значителен напредок во образованието, делумен напредок во здравјето и репродуктивните права на жените и во спречувањето и заштитата од родово засновано и семејно насилство. Постигнат е исто така значителен напредок во политичкото учество на жените како резултат на квотите за застапеност во Собранието. Општо земено, 78% од националните развојни планови се усогласени со петтата цел за одржлив развој – постигнување на родова еднаквост.
Се разбира, претстои долг пат до исполнување на неопходните промени утврдени во Пекиншката декларација. Напредокот е сè уште недоволен за надминување на бариерите кога станува збор за вработувањето, дискриминацијата на пазарот на трудот, родовиот јаз во платите или неплатената работа во домот.
Ние се обврзавме да работиме на петтата цел за одржлив развој, особено на елиминација на сите форми на насилство врз жените, нивен пристап до правда и сеопфатно учество на секое ниво и еднаков пристап до економски ресурси. Паралелно со сето ова, имаме огромен предизвик да ги смениме родовите стереотипи.
Дури и во време на пандемија, не смееме да заборавиме што е клучно. Клучно е да се покаже политичка волја и видлив напор за еманципирање на жените и девојките. Не смееме да ги изгубиме достигнувањата од изминатите децении. Мора да ги поддржуваме феминистичките движења, преку посветена работа и мултилатерална соработка на национално, регионално и глобално ниво.
Родовата еднаквост е наша заедничка задача. Треба да биде наследство, на новите генерации да им оставиме свет во кој жените и девојките уживаат еднакви права на секое поле, свет со кој секој човек може да се гордее.