Со 73 гласа за, 4 против и 34 воздржани, во прво читање, бугарското собрание го изгласа
предлогот на коалицијата Обединети патриоти предводена од ВМРО-БНД (ВМРО – Бугарско
национално движење) на Красимир Каракачанов, но во која учествува и ГЕРБ на Бојко Борисов,
и го преименува празникот 24 Мај од „Ден на бугарската просвета и култура и на словенската
писменост“ во „Ден на бугарската писменост, просвета и култура“.
Според наведеното во образложението на предлогот, станува збор за сосема природна и
логична историска промена, но и прв чекор за придвижување на процесот на признавање на
кирилицата од страна на ЕУ како бугарска азбука. Исто така, наведено е дека 24 мај е
„најбугарски празник“, додека пак формулацијата „празник на словенската писменост“ била
масло на Комунистичката партија на Бугарија од пред 30 години.
-Без сомнение, за нас тој празник е најважниот во моментов. Не случајно 30 години по
усвојувањето на бугарскиот Устав се води дебата околу тоа кој е националниот празник на
Бугарија – 3 март или 24 мај. Тој ден е празнуван како празник на бугарската писменост. Ги
поддржуваме Патриотите дека тој празник изникнал од Бугарија, изјави пратеникот на ГЕРБ –
Тома Биков.
За ВМРО-БНД на Каракачанов, изгласувањето на предлогот претставува победа на бугарштината, а народното собрание и официјално ја прогласила кирилицата за бугарска.
-Бугарската писменост е идентична со кирилицата, создадена и распространета меѓу другите
словени токму од Бугарија. Таа е уникатна и се одликува од другите писмени форми меѓу
православните словени. На неа твореле стотици бугарски автори кои создале илјадници дела,
останати во националната и светската литературна ризница, истакна пратеникот на ВМРО-БНД
– Милен Михов.
-Поправката е значајна зашто денес не само силата на армиите и економската моќ го
определуваат местото на државите во светот, туку зашто има и друга и многу значајна и важна
сила – силата на духовните и нематеријалните вредности. Силата на духот може да биде многу
помоќно оружје од ракетите и нуклеарното вооружување. Основата на државноста на
бугарскиот дух е токму бугарската писменост. Затоа и аргументите ни се дека историската наука
одамна разоткри дека генијалното откритие на браќата Кирил и Методиј, создавајќи азбука на
словените, е искористена во надворешната политика на императорот Михаил Втори за ширење
на културното и политичко влијание на империјата во Западниот Балкан. Затоа е и создадена
моравската мисија на двајцата браќа, која завршила со неуспех. Подоцна Наум, Климент,
Горазд, Ангелариј, Сава пристигнуваат до бугарската земја, во 1886 година, од кога започнува и
бугарската приказна за писменоста на браќата Кирил и Методиј. Кирилицата, која беше
создадена во Бугарија и ја замени глаголицата, создадена од Константин-Кирил Философ и
Методиј, претставува од фундаменталното реформско движење на Борис, Симеон Велики и цар
Петар, истакна Михов.
-Кирилицата е чисто бугарска творба, создадена од Климент Охридски, во бугарската држава,
во времето на бугарските средновековни цареви.
24 Мај ги еманципира Бугарите од другите словенски народи во време на Османлиската
империја. Потсетувам, борбите тогаш не ни биле само против поробителите, туку и против
фанариотското свештенство и против инвазиите на другите словенски народи кои се обидувале
да присвојат бугарски територии и население.
Не треба да страдаме од комплекси! Да не забораваме дека славјанољубието е политичка
доктрина на друга држава, која имала свои империски цели и намери од времето на Петар Велики натаму, се надоврза пратеникот Красимир Богданов.
-Ние тука во овој парламент сме повикани да ги заштитуваме бугарската национална кауза и
идентитет. Така што, да имаме национално самочувство и да го поддржиме предлогот 24 Мај да
стане Ден на бугарската писменост, просвета и култура, додаде тој, пренесува „24 часа“.