Коронавирусот со 33 отсто и економијата со 28 отсто, се најважните проблеми со кои се соочува денес Грција, според истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Metron Analysis” за грчката телевизија „Мега”, јави дописничката на МИА од Атина.
Веднаш зад пандемијата и економијата се надворешната политика (11 отсто), невработеноста (девет проценти), бегалското/мигрантското прашање (седум отсто), политичарите/политичкиот систем (четири проценти).
Осум од десет анкетирани сметаат дека маската заштитува од коронавирусот, 59 отсто рекле дека кога ќе постои вакцина, ќе треба да се вакцинираат, а 22 проценти се согласуваат со тврдењето дека не можат да се заразат преку причестување во црквите.
Во однос на ситуацијата во Грција, 46 отсто рекле дека земјата се движи во правилна насока, а 41 проценти во спротивна, додека пак 67 проценти сметаат дека економијата ќе се влоши во следните месеци.
Пет од десет Грци позитивно ја оценуваат работата на Владата, а 58 отсто има позитивно мислење за начинот на кој актуелниот грчки премиер ја извршува неговата функција.
Кирјакос Мицотакис е најпопуларен меѓу лидерите на политичките партии, а владејачката ова демократија има 17,5 отсто предност пред СИРИЗА.
Во истражувањето спроведено од 23 до 29 септември биле анкетирани 1.200 лица со право на глас.